Гимназијалците учат демократија.
Денес во просториите на нашата Гимназија се одржа официјалната промоција на кандидатите за нов ученички правобранител.
Настанот беше посветен на претставување на тројцата кандидати, кои пред своите соученици и професори ги изложија своите програми, визии и идеи за заштита на ученичките права, подобрување на училишната атмосфера и подобрување на ученичкиот стандард.
Како вистински демократски кандидати, тројцата ученици пред денот на изборите (петок 09.10.) во „трката по гласови“ јавно ги објавуваат своите пораки со кои се надеваат дека ќе ја добијат довербата од своите соученици.
Во очекување на утрешното тајно изјаснување на гимназијалците, ги објавуваме нивните пораки до гласачите - гимназијалци.
ГАЛИНА ГЕШОСКА

Кога ученикот се соочува со некаков проблем,ситуација или дисциплинска постапка тој ретко се справува само со прекршување на едно одредено правило , тој се движи низ систем кој може да го промени текот на неговото образование и иднина.Ме води убедување дека ниту еден ученик не треба да поминува низ некој или тој процес сам, не слушнат, не заштитен.
Како ученик правобранител мојата цел е да го отстранам чувството на заплашеност и да им помогнам на учениците јасно,смирено и ефективно да ја изнесат својата вистина. Во оваа улога внесувам комбинација од објективни,аналитички вештини и активна емпатија.
КАЛИНА ЃОРЃИЕСКА

Јас, Калина Ѓорѓиеска од III-6 се кандидирам за да бидам ваш правобранител.
Сметам дека ќе бидам добар правобранител бидејќи јас исто како вас имам стравови и предизвици кои ги надминувам секој ден и сметам дека секој ученик во оваа гимназија поминува низ истото. Како ученик правобранител ветувам дека ќе направам се што е потребно гимназиските денови да бидат едни од најубавите мигови во нашиот живот и знам дека било каков проблем не е предизвик кој ќе ме спрече да го постигнам тоа. Пред се сакам да ги слушам разните идеи кои ги имаат учениците со цел да доловам тоа што е најактуелно кај нас младите и според тоа ќе организираме разни активности и настани, но настрана сето тоа најважно од се е да имаме добра соработка и комуникација помеѓу учениците. Исто така, сакам да бидам правобранител кој ќе биде достапен за секого, без разлика дали се работи за мал или голем проблем.
Понекогаш нешто што е мало за еден ученик може да изгледа како мала работа, а за друг може да е навистина важно.
Затоа не сакам да се каже дека нечии проблеми се “неважни”. Секој проблем на учениците е и мој проблем кој ќе го решиме заедно бидејќи твојот глас е важен, твојот глас треба да биде слушнат.
ГОРЈАН ПЕТРЕСКИ

Почитувани професори, драги соученици и пријатели,
Да се биде ученик во средно училиште не значи само да се седи во клупа, да се добиваат оценки и да се чека да ѕвони за крај на часот. Средното училиште е местото каде што го градиме нашиот став, ги откриваме нашите амбиции и учиме како да се избориме за она што ни припаѓа.
Но, сите знаеме дека во секојдневниот училишен живот се соочуваме со разни предизвици. Понекогаш чувствуваме дека нашиот глас не се слуша доволно, дека некои проблеми се занемаруваат или дека одлуките се носат без да бидеме прашани.
Токму затоа се кандидирам за Ученички правобранител.
Ученичкиот правобранител не е само титула или формална функција. Тој треба да биде вашиот глас тогаш кога мислите дека никој не ве слуша. Некој што нема да се плаши да ги постави вистинските прашања, да укаже на неправда и дипломатски, но одлучно, да ги брани вашите права и интереси.
За што ќе се залагам:
Транспарентност и отворена комуникација: Мојата врата и моето сандаче за предлози ќе бидат секогаш отворени за секој еден од вас — без разлика од која година или паралелка доаѓате.
Праведност и почит: Секој ученик заслужува фер третман, објективно оценување и средина во која се чувствува безбедно и испочитувано.
Подобрување на училишниот живот: Заедно со ученичкиот парламент, ќе иницираме решенија за практичните проблеми со кои се соочуваме секојдневно — од условите во училниците до поголема поддршка за воннаставните активности и настани.
Јас не ви ветувам чудесни промени преку ноќ, но ви ветувам посветеност, искреност и истрајност. Ветувам дека нема да молчам кога ќе треба да се зборува и дека нема да се повлечам кога треба да се реши некој проблем.
На овие избори, вие не избирате само личност — вие избирате каков училиштен дух сакаме да имаме.
Ако сакате правобранител кој навистина ќе биде на ваша страна и ќе работи во ваш интерес, ве повикувам да ми ја дадете вашата доверба и вашиот глас.
ВАШИОТ ГЛАС Е МОЈА ОБВРСКА!
Ви благодарам!

Галина, Горјан и Калина. Кој ќе биде Ученик правобранител во Гимназијата во оваа учебан година? Ќе се знае утре по завршувањето на изборите и пребројувањето на гласовите.
Со среќа!
Официјална веб страница на СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ Прилеп
Сите права ги задржува gimprilep.edu.mk
Copyright © 2010 - 2026