
Мирче Ацев е роден на 26 септември 1915* во селото Ореовец, прилепско, како шесто колено на позната ајдутска и комитска фамилија. Сите негови предци биле борци против османлиското робство. Најпознати се неговите чичковци (браќа на татко му) Мирче Ацев (војводата), Гога Ацев, и Петар Ацев. Тие биле истакнати членови на МРО и активни учесници во борбите против османлиите.
Мирче е петто дете на Дончо и Пара Ацеви. Своето детство го поминува во родното село. Преку кажувањето на своите родители за чичковци му и подалечните предци, рано ја осознава вистината за страдањата и стремежите на својот напатен народ.
Основно четирикласно училиште завршува во Ореовец, а потоа го продолжува образованието во Прилеп. Во Прилеп се запишува да учи во Гимназијата, но големосрпската Влада на генералот Петар Живковиќ донесе решение за затварање на сите полни гимназии освен во Скопје, Битола и Штип. Во учебната 1933/34 година Мирче се запиша во петти клас во Битолската гимназија.
Големосрпскиот режим се чувствуваше на секој чекор, а татко му на Мирче го чуствуваше и на своја кожа. Од српските власти тој е малтретиран, глобен и затваран без причина неколку пати.
Во Битола Мирче влегува во тајните револуционерни кружоци заедно со своите најдобри другари, Борка Талески и Кузман Јосифоски. Тука Мирче го поврза своето фамилијарно минато со своето револуционерно дело.
Матурата во Битолската гимназија ја положи пролетта 1937 година. Есента истата година, Мирче се запиша на Правниот факултет во Белград. Таму стапува во контакт по роднокрајна основа со скоро сите македонски студенти и ученици, Кузман Јосифоски, Борка Талески, Трајко Тарцан, Кочо Рацин, Страшо Пинџур, …
Во Белград низ рацете на Мирче поминуваат безброј конспиративни материјали, забранети политички весници од постар и понов датум, летоци, пропаганден материјал, брошури и книги. Истрошени, полураспаднати хартии кои им влевале надеж за слобода и држава на Македонците.
Пролетта 1939 година Мирче станува член на Комунистичката партија.
Во еден обид за печатење и растурање на летоци во Прилеп, со повик за вооружена борба против окупаторите, во јули 1941, Бугарските агенти го открија Мирче дека е активист на Комунистичката партија и револуционер. Одтогаш, Мирче преминува во длабока илегала, а по него бугарските окупаторски власти распишаа потерница.
Мирче, во текот на војната има различни задачи и врши различни должности, а поконкретно, задолжен е за партиската техника, за документацијата, преписките, пропагандата....
Во 1942 година во куќата на Митреви во Велес направена е подземна скривница во која е сместена партиска печатница. За да ја организираат работата во печатницата, во декември во Велес пристигнаа Страшо Пинџур и Мирче Ацев. Таму, откако добила предходни сознанија, бугарската полиција при интензивните претреси на 19 декември ги откри и уапси Мирче Ацев и Страшо Пинџур.
Мачен 16 дена, откако ништо не призна, Мирче е фрлен низ прозорецот од вториот кат на Скопскиот затвор.
На 4-ти јануари 1943 год. згасна животот на Мирче.
Првиот баталјон на Македонската војска формиран на 18.08.1943 на Славеј Планина го доби името на овој наш херој МИРЧЕ АЦЕВ.
Со одлука бр 290 од 29 јули 1946 год, Президиумот на АСНОМ, посмртно го одликува Мирче Ацев со орденот Народен херој.
* Не е точно утврден датумот на раѓање на Мирче Ацев.
Единствениот пишан извор на кој се повикува и Википедија е романизираната биографија „Мирче Ацев“ (NIRO "Dečje novine", 1979) каде авторот Коце Солунски го наведува датумот 26.09.1915 год. како датум на раѓањето на Мирче Ацев. Коце Солунски лично го познавал Мирче како свој сограѓанин и имал податоци лично од него и од неговото потесно семејство за датумот на раѓање и мала е веројатноста да згрешил.
Од друга страна, во делото уредено од Боро Кралевски со наслов „Беа, загинаа, останаа: Спомен книга на загинатите борци во НОВ и жртвите на фашизмот“ во издание на Историскиот архив - Скопје,1969, наведен е датумот 20.10.1915 како ден на раѓање на Мирче.
Сепак историската наука со релевантна документација треба да го потврди точниот датум на раѓање на Мирче Ацев.
(Забелешкате е на проф. Николче Богданоски)
Проф. Николче Богданоски
Официјална веб страница на СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ Прилеп
Сите права ги задржува gimprilep.edu.mk
Copyright © 2010 - 2026