МК | EN | FR | DE
Одбележувањето на патрониот празник на Гимназијата започна на 26 декември 2024, со традиционалната поетска вечер, која оваа година го имаше своето јубилејно петнаесетто издание.
На 27 декември 2024 професорите по спорт, ги организираа традиционалните спортски натпревари за професорите од средните училишта од Прилеп.
На трети јануари во рамките на чествувањето на патрониот празник во касарната „Мирче Ацев“ делегација од училиштето положи цвеќе на бистата на Мирче во кругот на касарната а учениците Евгенија Димитриовска, Софија Ристеска, Кирана Иваноска, Софија Настоска и Кирил Младеноски ја збогатија програмата со своите рецитации и музички изведби.
Активностите во чест на патронот Мирче Ацев, продолжија на 04.01.2025 год, со полагање на цвеќе на Могилата на непобедените, Алејата на народните херои во Паркот на револуцијата и на бистата на Мирче Ацев во училишниот двор. Почит на херојот со полагање на цвеќе му оддадоа делегации од нашето училиште, од Локалната самоуправа и градоначалникот на Прилеп Борче Јовчески, делегација од прилепската касарна „Мирче Ацев“, од Сојузот на борците и делегација од основните и средните училишта од градот.
Одбележувањето на патрониот празник заврши со свечена академија во народниот театар „Војдан Чернодрински“.
На академијата пред полна сала публика со музички изведби настапи гимназискиот хор под диригентство на Татјана Ивановска, хармоника Михаил Ристески, гитара Кирил Младеноски, рецитираа Евгенија Димитриовска, Искра Спиркоска, Стефан Петрески, Марија Јованоска, Ангела Чупетреска, Матеја Илијеска, Иван Здравески, Софија Ристеска, Матеј Филипоски, Сара Пројческа и Ана Цветаноска а со соло музички изведби настапија Софија Настоска и Кирана Иваноска.
Оваа година, на свечената академија најмногу аплаузи од публиката заслужено добија учениците кои минатата учебна година на државните натпревари освоија награди или некое од првите три места, а посебно со бурни аплаузи, наградени беа учениците кои ја претставија Гимназијата, градот и Македонија на меѓународните натпревари и од таму се вратија со медали за освоени прво, второ или трето место. Гимназијата заслужено се пофали со постигањата на своите ученици затоа што во нашава држава нема средно училиште со олку освоени награди на годишно ниво. Аплаузите беа и за професорите - ментори на овие наградени ученици.
Академијата ја збогати изложбата на слики од вештите раце на гимназијалците Ана Цветаноска, Ања Сугареска, Атија Мифтароска, Нина Самарџиоска, Магдалена Николоска, Марија Јорданоска, Елеонора Петреска, Анастасија Солевска и Арсениј Солевски.
Организацијата на овогодинешното одбележување на патрониот празник беше на професорите Мартин Наумоски, Татјана Ивановска, Дарко Ристески, Филип Ристески, Александар Џинго, Гордица Димитриевска Груеска, Емона Јованоска, Орде Цветаноски и Николче Богданоски, со целосна поддршка од директорката на Гимназијата - Весна Михаиловска.
Фотографија: Елеонора Михаиловска
Андреј Ристески
Сите права се задржани. СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ Прилеп
Copyright © 2010 - 2025
www.gimprilep.edu.mk. All rights reserved.