Logo

Средно општинско училиште

Гимназија „Мирче Ацев“ - Прилеп

Гимназијалецот Петар Мирчевски додаде уште еден во низата успеси
Петар Мирчевски освои бронзен медал на Светската Олимпијада по хемија во Дубаи (ОАЕ)

хемичари Дубаи

Од 5-ти до 14-ти јули оваа година во Дубаи, (ОАР), се одржа најголемиот натпревар по хемија во светот - Меѓународна хемиска олимпијада ( 57 - IChO 2025).

На олимпијадата во конкуренција од 354 натпреварувачи од 90 земји, нашиот ученик Петар Мирчевски го освои бронзениот медал.

Петар во Дубаи бронзен медал

Од македонската репрезентација покрај Петар, сребро освои Марио Ванчоски ученик во 4 година во гимназијата „Славчо Стојменски“ во Штип. а пофалница доби Теона Георгиевска ученик во 3 година во „Јахја Кемал“ во Скопје. Во тимот беше и Елена Живаљевиќ ученик во „Јахја Кемал“
Подготовките на учениците беа интензивни и освен во нивните матични училишта се одржуваа со професори и асистенти на ПМФ. Водичи на тимот беа проф. д-р Миха Буклески и проф. д-р Слоботка Алексовска од Институтот за хемија при ПМФ - Скопје и членови на СХТМ.

Победничка фотографија Дубаи Хемичари 2025

Петар е вистинска гордост за гимназијата „Мирче Ацев“ за Прилеп и за Македонија, докажувајќи дека младите хемичари можат рамноправно да се натпреваруваат со врвни научни умови од целиот свет.

Но ова не е моментален успех. Петар Мирчевски веќе неколку години по ред го потврдува својот талент и труд на највисоко ниво. Изминативе четири години Петар има постигнато врни успеси освојувајќи:

  • 🥉 Бронзен медал на 55. Меѓународна хемиска олимпијада (IChO) во Цирих, Швајцарија (2023)
  • 🥈 Сребрен медал на 56. IChO, Ријад, Саудиска Арабија (2024) – првото сребро за Македонија во историјата на IChO
  • 🥉 Бронзен медал – 59. Менделеевска олимпијада по хемија, Бразил (2025)
  • 🥉 Бронзен медал на 57. IChO, Дубаи, ОАЕ (2025)

Освен на меѓународно ниво, Петар веќе три години по ред освојува златен медал на Македонската хемиска олимпијада, што го прави еден од најуспешните натпреварувачи во историјата на ова натпреварување во нашата земја.

Успехот на Петар е успех и на неговиот училишен ментор, професорот по хемија Блаже Димески кој ги откри и ги развиваше кај Петар талентот и интересот за хемијата како наука, секојдневно проширувајќи ги знаењата на својот ученик.

Петар Мирчевски и Блаже Димески

Со знаење, посветеност и скромност, Петар Мирчевски е симбол на младата научна сила во Македонија – и доказ дека гимназијата „Мирче Ацев“ - Прилеп, е расадник на идни интелектуалци со светски потенцијал.

Уште еднаш, големо БРАВО ЗА ПЕТАР и за неговиот ментор, професорот Блаже Димески.


Објавено на: 27-07-2025

Официјална веб страница на СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ Прилеп

Сите права ги задржува gimprilep.edu.mk

Copyright © 2010 - 2026

гимназија